Ортодонција е гранка од стоматологијата која се занимава со превенција, дијагностицирање, исправување на лошо поставените заби и околнитe структури. Иако често се смета дека ортодонтската терапија се користи само од естетски причини, таа првенствено се користи за воспоставување на добра функција, со корегирање на функционалните неправилности на забите и соодносот на горната и долната вилица, со што се задоволува и естетската страна. Секако со добрата функција доаѓа и добрата естетика. Неправилностите во положбата на забите може да предизвикаат бројни проблеми од отежнато одржување на оралната хигиена кое води до појава на кариес и забен камен до сериозни проблеми со виличниот зглоб проследени со болки во главата.