Професионално чистење и полирање на заби
Чистењето на забите е многу важно бидејќи со правилно одржување на оралната хигиена можеме да ги зачуваме забите и да им го продолжиме векот на траење.
Многу често од храната и пијалоците заостануваат на забите површински пигментации и наслаги кои се важен предизвикувачки фактор за настанување на патолошки процеси како гингивити и парадонтопатија.
Најчесто пигментации наоѓаме кај пушачите и конзумерите на кофеински напитоци. Тие тешко се одстрануваат со четка за заби или воопшто неможат да се отстранат. Се појавуваат како темнокафеави до црни дамки на површината на забите, обично се поинтензивни кон гингивата.
Забите станувааат пожолти, прекриени со забен камен и дентален плак, а со тоа и во устата има повеќе бактерии кои се штетни за организмот. Под забен камен се подразбираат тврдите наслаги на забите настанати со минерализација на плакот т.е оние тврди бели или жолти наслаги кои се појавуваат на забите во близина на спојот на забите и гингивата. Најчесто може да се забележат во пределот на долните фронтални заби од лингвалната (внатрешна) страна.
При редовни контроли стоматологот може да воочи различни состојби поради кои е потребно да се примени метод на професионално чистење на забите.